Апостолска на македонско-бугарски бизнис форум: Економијата поставена на цврсти темели, компаниите се повеќе инвестираат и растат

28 февруари 2020

Mинистерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес учествуваше на „Бугарско-македонскиот бизнис форум – Заедно можеме повеќе“ кој се одржа во Куманово, на кој беа присутни претставници на бизнис заедниците од Северна Македонија и Бугарија, градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов, како и претставници на државни и локални институции.

Осврнувајќи се на деловниот амбиент и економските политики, министерката Апостолска нагласи дека Владата во изминативе две и пол години успеа да изгради атрактивно, стимулативно и предвидливо деловно опкружување во кое на компаниите, независно дали се со домашен или странски капитал, им се обезбедува пристап до сериозна финансиска поддршка, на транспарентен начин со правни процедури и акти, кои се јавни и достапни.

„Развивме и имплементиравме низа на комплементарни економски мерки кои овозможуваат значајна финансиска поддршка на бизнис секторот за унапредување и проширување на производството преку инвестирање во нови машини и опрема, во изградба на нови објекти или купување на земјиште, вложување во центри за истражување и развој, за создавање на нови и добро платени работни места, за развој на добавувачки релации на странските компании со домашните и зголемување на конкурентноста“, рече министерката Апостолска.

Истакнувајќи дека економијата е поставена на цврсти политички темели со одлучноста за реализацијата на стратегиските приоритети за полноправно членство во НАТО и ЕУ, министерката Апостолска дополни дека ова е многу важно за долгорочен економски раст и развој, како и за нови странски и домашни инвестиции.

„Денес на Северна Македонија се гледа како на безбедна и заштитена земја, со силни економски перспективи, со Влада која деловниот сектор го препознава како свој партнер во градењето на севкупниот економски развој. Резултатите кои ги остваривме се евидентните, со БДП од минус 1,18 проценти во мај 2017 го зголемивме на 3.6 проценти во просек за последните четири квартали. Компаниите се повеќе инвестираат, растат, се развиваат и извезуваат. Трговската размена во 2019 година забележа раст од 10%, извозот на стоки се зголеми за 9.6%.“, рече миистерката Апостолска, притоа изразувајќи уверување дека овој македонско-бугарски бизнис форум ќе ја унапреди соработката помеѓу двете бизнис заедници, ќе воспостави нова пазарна комуникација и деловно вмрежување, ќе даде позитивен инпут на стопанството, на понатамошното продлабочување на економските, инвестициските и трговските односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

„Духот на пријателството и добрососедството да биде плодна подлога за нови економски перспективи помеѓу македонските и бугарските компании, а овој форум да даде свој печат и во понатамошното регионално поврзување и создавање на заеднички услови за подобар економски раст и развој во двете земји“, порача министерката Апостолска во своето обраќање.

АКТУЕЛНОСТИ: