Министерката Апостолска: Домашните компании ја препознаа поддршката од Владата, засилено инвестираат и го модернизираат производството

11 февруари 2020

Во рамки на активностите за посета на компании со домашен капитал, корисници на мерки од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес ја посети „Лион“ од Св.Николе, која произведува кондиторски производи и во 2018 година согласно овој закон потпиша Договор за финансиска поддршка за започнат инвестициски проект од 2017 година.

На средбата со сопствениците и менаџментот на компанијата, министерката Апостолска беше запознаена со текот на реализацијата на инвестицискиот проект со кој се врши модернизирање на производството, воведување на современи системи на квалитет и зголемување на продуктивноста, што ќе резултира со отворање на нови работни места во фабриката и проширување на асортиманот на производи.

„Работењето на Лион, позитивните деловни резултати кои се остваруваат преку континуирано вложување во проширување на асортиманот на производи и освојувањето на нови пазари во Европа, Северна Африка, Блискиот Исток и САД, најдобро ги илустрира реалните ефекти кои владините економски политики ги испорачуваат во делот на поддршката на домашните компании во нивните напори за фаќање на чекор со глобалните трендови. Новите инвестиции во современа опрема и машини, воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување, пропратено со постојан развој на менаџерски знаења и вештини, станува главен фактор за растот и развојот на компаниите и зајакнувањето на нивната конкурентност. Тоа е една од целите кои сакавме да ги постигнеме со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а работењето на Лион е најдобра илустрација за остварувањето на оваа посакувана цел“, рече министерката Апостолска, дополнувајќи дека и растот на индустриското производство од 3,6% во 2019 година, споредено со 2018 година, претставува силен показател за ефектите од економските политики врз индустријата, година во која, како никогаш досега, за поддршка на економијата беа издвоени буџетски средства од 55 милиони евра.

Од страна на сопствениците и менаџментот на компанијата беше организирана и обиколка на фабриката, при што министерката Апостолска имаше можност да се запознае со производството на разни видови на чоколади, чоколаден крем, бисквити, ситни колачи, бомбонери и други кондиторски производи.

АКТУЕЛНОСТИ: