Апостолска: Владата цели кон унапредување на деловните релации помеѓу домашните и странските компании

27 ноември 2019

Со Планот за економски раст за прв пат се воведени конкретни мерки кои во својот фокус го опфаќаат проблемот како странските компании во земјава да развиваат деловни релации со домашните и да ги вклучуваат во нивните добавувачки ланци. На тој начин Владата цели кон унапредување на состојбите и надминување на ниските 10% учество на домашните компании во обврските кои ги имаат странските компании, рече министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска на бизнис форумот „Визија за поголема соработка помеѓу ДМСП и МНК во земјава“, во рамки на панелот „Менторството како алатка за воспоставување на соработка? Искуства и научени лекции“, кој во организација на Институтот за економско истражување и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think) денес се одржа во хотел Мериот во Скопје.

„Странските инвеститори во земјава се охрабруваат да развиваат деловни релации со домашните компании не само во делот на услугите, туку и во насока на нивно вклучување во производствените процеси. Финансиски директно се поддржуваат со 1% од вредноста на вкупните набавки доколку 15% од инпутите за производство ги набават од домашни компании. Ова е само едниот аспект на владините економски политики. Целокупниот пакет на мерки подеднакво е насочен и кон зголемување на технолошките и производствените капацитети на домашните компании, тие се поддржуваат во усвојувањето нови технологии, искуства и знаења, да инвестираат во развојни центри. Целта која сакаме да ја постигнеме е точката на нивно врзување да биде технологијата, знаењето и иновациите, а не само испорачувањето на услуги од типот на вода, исхрана, гас и сл.“, рече министерката Апостолска, притоа истакнувајќи дека како резултат на одлучноста на Владата за зајакнување на капацитетите на домашното стопанство, а во дијалог со бизнис заедницата, направи и измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со намера преку олабавување на условите и критериумите да се зголеми опфатот на компании кои се квалификуваат за финансиска поддршка.

Зборувајќи за значењето кое го има унапредувањето на капацитетите на домашното стопанство за соработка со странските компании во земјава од аспек на извозот, креирањето на нови и добро платени работни места за граѓаните, министерката Апостолска истакна дека со тоа што годинава согласно законот се потпишани 120 нови договори и 51 анекс на договори за финансиска поддршка, споредено со 97 договори од 2018 година, деловната заедница ја препознава стимулативноста на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, што ветува дополнителни позитивни рефлексии во делот на надминувањето на расчекорот во соработката помеѓу домашните и странските компании.

Министерката Апостолска нагласи дека владините економски политики се концепирани и за зајакнување на капацитетите на домашните компании и во делот на пристап до квалификувана работна сила, што е значаен фактор во нивното доближување до потребите на странските компании.

„За надминување на расчекорот помеѓу образованието и потребите на стопанството, Владата реализира проекти во делот на т.н. дуално образование, во кои како активен елемент партиципираат и се повеќе странски компании. Се подигнува нивото на пракаса во програмите на средното стручно образовани, на учениците им се овозможува учење преку изведување на практична работа во компаниите. Системски се решава проблемот на расчекорот во делот на човечки капитал помеѓу домашните и странските компании“, рече министерката Апостолска.

На панелот учествуваа и Зоран Коруновски, инженер за развој на добавувачи во „Костал Македонија“, Трајан Ангелоски, генерален директор на „Ариљеметал“ и Ѓорче Тодоровски, генерален директор на „ТЕ-ТЕ Пласт“, кои изнесоа свои видување за унапредување на соработката помеѓу домашните и странските компании.

АКТУЕЛНОСТИ: