Апостолска пред романски компании од регионот Прахова: Политиките за поддршка на инвестициите ви обезбедуваат долгорочни и развојни економски перспективи во Северна Македонија

11 ноември 2019

Поволните политики за поддршка на инвестициите кои ги спроведува Владата на Република Северна Македонија ви обезбедуваат стимулативна и предвидлива бизнис клима, која ветува долгорочни и развојни економски перспективи за вашите бизниси, им порача министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска на претставниците од Комората за индустрија и трговија на Прахова, Романија, каде денес во градот Плоешти ги претстави можностите и условите за инвестирање во Северна Македонија, за што беше изразен голем интерес и присуство од страна на компаниите членки на комората.

Претставувајќи го Планот за економски раст, можностите кои им стојат на располагање во технолошко-индустриските развојни зони и финансиската поддршка за реализација на нови инвестиции во производство, министерката Апостолска истакна дека во овој сегмент на владините економски политики, транспарентните и законски втемелени мерки не дозволуваат простор за било каков политички волунтаризам.

„Северна Македонија е длабоко навлезена во фазата на градење на државата според европските вредности, подигнување стандарди и капацитети во општеството, зајакнување на владеењето на правото и правната сигурност. На овој начин успеавме да воспоставиме стабилна политичка рамка, која е императив за стекнување на доверба на странските инвеститори за Северна Македонија“, рече министерката Апостолска пред бизнис заедницата на Прахова, притоа детално информирајќи ги членките на комората за критериумите и условите по основ на кои, доколку одлучат да инвестираат во Северна Македонија, може да очекуваат поддршка за креирање на нови и добро платени работни места, зајакнување на конкуреноста, воспоставување на соработка со домашни компании и формирање на центри за истражување и развој, како и за финансиската поддршка во делот на капитални инвестиции во нови машини, опрема или земјиште.

Министерката Апостолска изрази уверување дека можностите за инвестирање ќе бидат препознаени од страна на бизнис секторот во Прахова, доволно мотивирачки Северна Македонија да се најде во нивните бизнис планови за реализација на нови инвестициски циклуси, на тој начин давајќи и директен допринос за понатамошен развој и продлабочување на инвестициските односи помеѓу Романија и Северна Македонија.

Пред присутните компании се обрати и Аурелиан Гогулеску, претседател на Комората за индустрија и трговија и почесен конзул на Република Северна Македонија во Романија, кој го претстави економскиот профил и бизнис потенцијалот на регионот Прахова.

Свое поздравно обраќање имаше градоначалникот на Плоешти, Адриан-Флорин Добре, како и амбасадорот на Република Северна Македонија во Романија, Габриел Атанасов, кој се осврна на економските релации помеѓу двете земји.

 

АКТУЕЛНОСТИ: