Апостолска пред Индустриската комора на Истанбул: Северна Македонија е атрактивна и стабилна инвестициска дестинација

17 септември 2019

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска по покана на Индустриската комора на Истанбул, заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски, вчера и денес реализираше работна посета на Република Турција каде ги промовираше и презентираше можностите за инвестирање во Република Северна Македонија.

Пред претставници на дел од компаниите членки на оваа комора, во која членуваат над 20 илјади компании, министерката Апостолска осврнувајќи се на владиниот План за економски раст и Законот за финансиска поддршка на инвестициите истакна дека Владата на Република Северна Македонија овозможува сериозна финансиска поддршка во сите елементи од кои зависи успешноста на еден инвестициски проект на било кoја компанија, домашна или странска.

„Врз основа на законски втемлени, транспарентни, прецизни и јавно достапни критериуми доколку одлучите своите производствени капацитети да ги проширите во Северна Македонија, може да очекувате конкретна поддршка за капитални инвестиции во набавка на машини и опрема, за отворањето на добро платени работни места, доколку пак во вашето работење воспоставите соработка со домашни компании и ги вклучите во добавувачките ланци, во овој сегмент исто така може да очекувате финансиска поддршка“, рече министерката Апостолска и нагласи дека за стабилните и стимулативни инвестициски услови во земјава укажуваат и реномираните меѓународни организации кои ги нотираат економските успеси во делот на странските инвестиции.

„Конференцијата на ОН за трговија и развој ја утврди Северна Македонија како регионален лидер со раст од 260% на странските инвестиции во 2018 година. ФДИ Маркетс, специјален сервис на Фајненшал Тајм, во периодот јуни 2018 – мај 2019 бележи позитивниот тренд од 200% во делот на директните гринфилд инвестиции. Нашата земја е на 10 место на Дуинг Бизнис ранг листата на Светска банка“, истакна министерката Апостолска.

Повикувајќи ги компаниите од комората во своите идни бизнис планови да ја вградат Северна Македонија како атрактивна и стабилна инвестициска дестинација, министерката Апостолска нагласи дека традиционално добрите трговски односи со Труција, надополнети со стабилното и предвидливо деловно опкружување во кое Владата води активни политики на директна поддршка на инвестициите, создаваат атрактивен амбиент за компаниите од Истанбул својот интерес за инвестирање да го препознаат во нашата земја и да дадат позитивен инпут во понатамошното зголемување на економската и инвестициска соработка помеѓу двете земји.

Во рамки на дводневната работна посета министерката Апостолска реализираше и одделни работни средби со претставници на неколку реномирани турски компании од Истанбул, на кои се разговараше за економските услови во земјава и можности за реализација на конкретни инвестицски проекти од нивна страна.

Градоначалникот на Оштина Гази Баба, Борче Георгиевски на средбата со претставниците на Индустриската комора на Истабул ги претстави економските и инфраструктурните услови кои општината ги нуди како инвестициски амбиент за странските компании.

АКТУЕЛНОСТИ: