Апостолска на средба со турска бизнис делегација предводена од заменик министерот за земјоделство и шумарство Тунк

12 септември 2019

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес оствари работна средба со бизнис делегација од Република Турција, предводена од заменик министерот за земјоделство и шумарство, Мехмет Хади Тунк и претседателот на Асоцијацијата на извозници на свежо овошје и зеленчук, Хајретин Учак, која престојува во дводневна посета на нашата земја.

На средбата, двете страни изразија задоволство од досегашната соработката која се одвива во духот на традиционалното пријателство и потврдија продолжување на позитивниот пристап за продлабочување на економската соработката на конкретни полиња од взаемен интерес.

Министерката Апостолска ги претстави владините економски политики и можностите кои ги нуди Планот за економски раст за реализација на инвестиции во земјава. Во контекст на економските политики и поддршката за реализација на нови инвестиции, таа истакна дека Владата овозможува значајна финансиска поддршка за компаниите преку транспарентни процедури и ги охрабри турските стопанственици да ги реализираат своите инвестициски проекти во нашата земја, при што порача дека Владата им стои на располагање за целосна институционална поддршка во развивањето и реализацијата на истите.

Од страна на бизнис делегацијата беше искажан интерес за реализирање на инвестиции во делот на земјоделскиот сектор, поконкретно во делот на преработка и конзервирање на зеленчук и овошје, каде гледаат особено голем потенцијал.

Заменик министерот за земјоделство и шумарство, Мехмет Хади Тунк во своето обраќање потенцираше дека Република Турција како и досега дава силна поддршка на Република Северна Македонија на патот кон ЕУ, притоа истакнувајќи дека се отвора голем простор за натамошно продлабочување на односите на економски и инвестициски план, како и за зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

Во рамки на посетата, министерката Апостолска беше придружувана од страна на градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски како домаќин на турската бизнис делегација.

АКТУЕЛНОСТИ: