Апостолска: Новата инвестиција на „Текспорт“ е доказ за реалните економски ефекти кои ги испорачува Законот за финансиска поддршка на инвестициите

29 август 2019

Mинистерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес се обрати на свеченото отворање на новиот производствен погон на австриската компанија „Текспорт“ во с. Марино, Општина Илинден, која се занимава со производство на противпожарна заштитна облека.

Иразувајќи задоволство дека компанијата минатата година потпиша Договор за финансиска поддршка, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, министерката Апостолска истакна дека новиот погон, во кој се инвестирани околу 3 милиони евра, ќе значи отворање на нови и добро платени работни места за граѓаните од регионот на Скопје и Општина Илинден, истовремено овозможувајќи пристап до современа технологија, напредни знаења и вештини, како и богати менаџерски искуства.

„Оваа инвестиција е доказ за стимулативноста на владините економски политики, за реалните економски ефекти кои ги испорачува спроведувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите како дел од владиниот План за економски раст. Би сакала да ја нагласам посветеноста на Владата во создавањето на силна економија и подеднаква шанса за сите, со конкретна финансиска поддршка за технолошкиот развој, капитални инвестиции, зајакнување на конкурентоста и креирањето на нови и добро платени работни места“, рече министерката Апостолска и притоа нагласи дека развојните планови на компанијата предвидуваат зголемување на постоечкито број од 230 вработени.

„Во развојните планови на компанијата се проектира отворање и на нови 140 дополнителни работни места, што потврдува дека оваа компанија го препознава атрактивното деловно опкружување и стимулативниот амбиент за реализација на долгорочни инвестициски проекти“, рече министерката Апостолска и порача дека Владата останува силно фокусирана на поддршка на конкретни инвестиции во реалната економија и идустријализацијата на земјата.

Сопственикот на компанијата, Отмар Шнајдер истакна дека со 5.000 метри квадратни производствен и магацински простор компанијата ќе ги удвои производствените капацитети во Скопје, притоа истакнувајќи дека со изградбата на новиот погон за 14 месеци успеале да ги реализираат зацртаните развојни планови.

„Би сакал да напоменам дека во 2018 година добивме државна помош од Владата. За тоа би сакал да изразам благодарност до владиниот претставник кој е присутен овде,“ рече Шнајдер и дополни дека „Текспорт“ веќе 25 годни е исклучително фокусиран на облека за противпожарна заштита и препознатлив на светскиот пазар.

„Благодарение на највисокото ниво на квалитет на материјалот, дизајнот и изработката, успеавме да го достигнеме врвот на светкиот пазар во нашата индустрија. Опремивме пожарникари од Бразил, преку Европа, Блискиот Исток, па се до Кина“, рече Шнајдер.

Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски во своето обраќање се осврна на значењето кое оваа инвестиција ќе го има за локалниот економски развој и создавањето на нови работни места за граѓаните на оваа скопска општина.

 

АКТУЕЛНОСТИ: