Вицепремиерот Анѓушев, министерката Апостолска и министерот Даути на работен појадок со словенечки компании

11 април 2019

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и министерот задолжен за странски инвестиции Бардул Даути, присуствуваа на работен појадок со Словенечки компании кои работат во Република Северна Македонија, организиран од амбасадорот на Република Словенија, Н.Е. г-дин Милан Јазбец.

Пред претставници на околу 30 компании со словенечки капитал, кои работат во земјата, вицепремиерот истакна дека Владата посветено работи на овозможување на поддршка на компаниите, преку јасни и транспарентни мерки, еднакви за домашните и странските компании.

„Преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, лани се поддржани преку 250 компании, домашни и странски, а заедно со други комплементарни мерки Владата кон стопанството испорача над 40 милиони евра во форма на државна поддршка. Оваа година, во буџетот за Програмата за економски развој, планирани се околу 46% повеќе средства за поддршка на стопанството, изградба на инфраструктурата во ТИР зоните, железницата, гасоводот и за воопшто за подобрување на бизнис климата. Креирана е позитивна економска клима, а резултатите во економијата се особено поволни. Лани е забележан раст на БДП од 2,7%, што е одличен резултат ако се земе во предвид дека кога оваа Влада започна со работа, стапката на економски раст беше во негатива, дополнително е забележан двоцифрен раст на извозот, раст на индустриското производство, раст на просечните плати, како и рекордно ниво на странски инвестиции од 624,5 милиони евра“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот дополни дека Република Северна Македонија е позитивен пример во регионот за градење на добрососедски односи, а во изминатите две години тоа се докажа со потпишувањето на договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Р. Бугарија и договорот во Преспа со Р. Грција. Со тоа се создава уште постабилна политичка и економска состојба, а потпишувањето на Протоколот за пристапување кон НАТО, допринесува до уште поголем интерес за нови инвестиции и проширување на постоечки производствени капацитети.

Министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, подвлече дека Владата на Република Северна Македонија во креирањето на своите економски политики бизисот го препознава како партнер, како сојузник во напорите за поставување на економскиот раст и развој на цврсти темели и обебзбедување на повисок и поквалитен животен стандард на граѓаните. Таа додаде дека интересот на Владата е секоја компанија која е дел од нашето стопанство да биде успешна, ова е темелна определба која се наоѓа во основите на економските политики за поттикнување на нови инвестиции.

„Во нашата посветеност да продолжат позитивните трендови во економија, Владата усвои и измени и дополни во Законот за финансиска поддршка на инвестициите и тоа како одговор на барањата и идеите од бизнис секторот, од стопанските субјекти, за кои беше и креиран овој Закон. Измените се во насока на олеснување на административните процедури за аплицирање за финансиската поддршка, во проширување на опфатот на компаниите кои се квалификуваат за мерките, како што е вклучување од дејноста на трговијата, ИТ индустријата и секундарното земјоделско производство, под услов да започнат нов производствени процес“, потенцира министерката Апостолска.

Словенечките компании за време на дискусијата споделија позитивни искуства од искористувањето на мерките од Планот за економски раст и изразија оптимизам за економијата во Република Северна Македонија. За време на работниот појадок претставниците на компаниите ги споделија и предизвиците со кои се соочуваат во работењето, како и предлози за унапредување на бизнис климата.

АКТУЕЛНОСТИ: