Министерката Апостолска се сретна со црногорскиот амбасадор Предраг Митровиќ

29 октомври 2018 година

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес оствари работна средба со амбасадорот на Република Црна Гора во Република Македонија, Предраг Митровиќ.

На средбата стана збор за актуелните економски состојби во двете земји, економско-трговските релации, како и за можностите за нивно понатамошно унапредување.

Од страна на амбасадорот Митровиќ беше изразен интерес за владините економски политики за поддршка на инвестициите и можностите што се нудат за отпочнување на бизнис во Република Македонија, за што министерката Апостолска го информираше за конкретните форми на финансиска поддршка кои може да ги очекуваат компаниите согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Притоа беше нагласено дека странските компании за своите инвестициски проекти може да остварат пристап до финансиската поддршка на транспарентен и недискриминирачки начин, со јасно дефинирани критериуми и услови.

Заеднички беше констатирано дека зајакнувањето на регионалната соработка во областа на инфраструктурата и економскиот развој, преку регионалните евроинтегративни иницијативи, како што е Берлинскиот процес, отвора простор за бизнис заедниците во Македонија и Црна Гора да препознаат импулс за градење деловни релации преку реализација на нови инвестиции.

Од соговорниците заеднички беше оценето дека постои голем простор позитивните политички трендови помеѓу Македонија и Црна Гора да се искористат за унапредување и на економската соработка.

АКТУЕЛНОСТИ: