Апостолска на конференција на Иницијативата за размена на претприемничко учење за одржливост на малите и средни претпријатија

31 јануари 2018

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес имаше свое обраќање на конференцијата на Иницијативата за размена на претприемничко учење за одржливост на малите и средни претпријатија, која се одржа во хотелот Александар Палас, во Скопје.

Конференцијата е во организација на Македонско-Бугарската стопанска комора и произлегува од заедничка иницијатива на 6 организации од балканско-медитеранскиот регион, од 4 земји - Македонија, Албанија, Бугарија и Грција.

Интегрално ви го пренесуваме говорот кој министерката Апостолска го имаше пред присутните на конференцијата.

Почитувани,

Чест и задоволство ми е денес да бидам дел од Иницијативата за размена на претприемничко учење за одржливост на малите и средни претпријатија, затоа што истата ја препознавам како позитивен пример како бизнисот може да биде фокалната точка на врзувањето на граѓаните на земјите од балканско-медитеранскиот регион, која едновремено нуди и силна подлогa за развој и продлабочување на економските релации помеѓу бизнис заедниците на Македонија, Албанија, Бугарија и Грција.

Препознавајќи ги овие позитивни импулси, би сакала да ја поздравам и поддржам главната цел  на Инициjативата, зајакнувањето на компетициите за одржлив бизнис и иновации во секторот на угоститлеството на Балканот и Медитеранот. Тоа е добра можност за директно инволвираните во овој економски сектор, преку споделување на заедничките потреби и проблеми, на нивните позитивни и негативни искуства, да се искристализираат решенија и предлози кои ќе значат зголемување на бројот на туристите во овој регион, како и унапредување на угостителските услуги согласно највисоките стандарди во светот.

Угостителството е една од базичните индустрии кои го придвижуваат туризмот, па затоа мора да се третира како суштински итегрален дел од стратегиите за развој на туризмот во секоја земја. Во оваа смила, уверена сум дека вашиот пристап на развивање на ефективни заедници за учење и пракса, воспоставување на методи за градење и унапредување на секторски вештини за одржливост и усвојување на технолошки и менаџерски иновации, може да даде силен допринос за искористување на потенцијалот за економски развој кој лежи во туризмот, како и отворањето на нови и подобро платени работни места. Од страна на Владата ги охрабруваме и поддржуваме сите иницијативи кои значат надградба на менаџерските вештини и развивање на компетициите кај работниците, затоа што сме уверени дека позитивните резултати во крајна инстанца се засноваат и на потенцијалот и квалитетот на човечкиот капитал.

Неспорно е дека овој сектор ги релативизира границите помеѓу државите и затоа е неопходно, како преку националните политики, така и преку иницијативи на бизнис заедницата да се негува и промовира принципот на отвореност на економиите и регионалниот пристап во развојот на туристички дестинации. Само во тој контекст може да очекуваме максимизирање на неговите позитивни страни - зголемување на вработеноста, поголем девизен прилив и остварување на урамнотежен регионален развој.

Важен предуслов за развој на туризмот е развивањето на инфраструктурен и сообраќаен пристап до туристичките дестинации, посебно ако се запази и регионалниот пристап. Во оваа смисла, би сакала да ги истакнам плановите за изградбата и завршувањето на инфраструктурните проекти од коридорите 8 и 10. Со нивното завршување ќе се олесни непреченото регионално поврзување на туристичките дестинации.

Како Влада, во нашите политики за привлекување на странски инвестиции и поттикнување на инвестициони циклуси, турузмот и угостителството ги препознаваме како сектори кои даваат и можат да дадат уште поголем позитивен импут на севкупната економска активност. Иновативноста во градењето на нови и современи туристички понуди, вложувањата во изградбата на современи туристички центри, како и развојот на хотелиерството, надополнети со креативни менаџерски вештини, може да резултираат во изградбата на одржливост на угоститлеството и негово позиционирање како стожерен носител на севкупната туристичка дејност.

Во овој системски пристап кон градењето на одржливи капацитети на угостителството, особено е важна образовната рамка. Поконкретно, добро е да се искористат можностите кои ги нуди концептот на дуално образование, кое има капацитет да даде позитивен придонес во специјализирањето на секторските вештини.

На оваа денешна регионална работилници со која се промовира проектот за Иницијативата за размена на претприемничко учење за одржливост на малите и средни претпријатија, а на која ќе се споделат добри практики и ќе се разговара за соодветна образовна политика, на сите учесници им посакувам успешна и плодна работа, со цел да се изнајде начин кој ќе обезбеди долгорочна одржливост на угостителската индустрија.

Ви благодарам.

 

АКТУЕЛНОСТИ: