Аднан Ќахил - Министер без ресор задолжен за странски инвестиции

 

Роден е на 3 февруари 1960 година во Скопје. Завршил основно и средно образование исто така, во Скопје.

Дипломирал на Природно-математички факултет, група хемија, при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1984 година. На истиот универзитет во 2003 година го одбранил својот магистерски труд, додека својот докторски труд го одбранил во 2008 година.

Во периодот од 1984 година до 1986 година бил наставник во О.У. „Тефејјуз“ Скопје. Од 1990 година до 1998 година формирал приватна фирма и работел како директор во истата. Во меѓувреме, паралелно предавал хемија во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, додека од 1998 година е предавач на Педагошкиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, каде предава неколку предмети на турски и македонски наставен јазик.

Од 1987 година до 1990 година работел како процесен, а потоа и главен инженер во „ОХИС“ – Скопје. Од 1998 година е избран за пратеник во собранието на Република Македонија, а веднаш потоа назначен за Министер без ресор, во Владата на Република Македонија.

Од 2000 година до 2002 година е назначен за државен советник на Претседателот на Владата додека од 2002 година до 2006 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија.Од 2006 година до 2008 година е исто така Министер во Владата на Република Македонија, задолжен за странски инвестиции.

Проф. Д-р Аднан Ќахил, по последните парламентарни избори, од 01 Јуни 2017 година е Министер задолжен за странски инвестиции во Владата на Република Македонија.

Што се однесува до научно – образовната актива, Проф. Д-р Аднан Ќахил има објавено над 35 научни трудови во светски рангирани списанија со импакт фактор. Објавувал научни трудови во меѓународни конференции во Каиро, Истанбул, Софија и други градови. Тој исто така е учесник и креатор на 10 домашни и 5 меѓународни научни проекти од областа на хемијата.

Проф д-р Аднан Ќахил е и активен спортист со резултати на европско ниво, носител на 5-ти Дан црн појас во карате, меѓународен инструктор на ВСКФ федерацијата за Европа со седиште во Токио, тренер во карате клубот Вардар со кој има достигнувања во европски правци како натреварувач и инструктор. Покрај тоа, во периодот од 1998 година до 2001 година е избран за Потпретседател на Карате Асоцијацијата на Македонија.

Проф. Д-р Аднан Ќахил е сегашен претседател на политичката партија „Движење на Турците во Македонија“.