Апостолска: Членството во НАТО и ЕУ отвара развојни перспективи за домашните компании

27 септември 2018 година

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска,  заедно со претставник на Фондот за иновации и технолошки развој,  денес оствари работна средба со охридските стопанственици и со вработените во Секторот за туризам и локален економски развој на општина Охрид.

„Она што сакаме да го постигнеме со Планот за економски раст, кога станува збор за домашните компании, е да ги поддржиме во инвестициите, во градењето на деловни релации со странски компании, во освојувањето на нови пазари, како и во отворањето на нови и добро платени работни места“, рече министерката Апостолска.

Осврнувајќи се на значењето кое членството во НАТО и ЕУ ќе го има за македонската економија, министерката Апостолска истакната дека реализацијата на овие стратешки приоритети ќе значи и отворањее на развојни перспективи за домашните компании.

„Членството во НАТО и ЕУ ќе донесе раст на македонската економија и ќе отвори перспективи за поголема конкурентност на локалните претпријатија, ќе им се овозможи пристап до нови технологии и знаења, до 500 милиони потрошувачи, како и стимулативни услови за градење на деловни релации со успешни странски компании“, потенцираше министерката Апостолска.

Градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски во своето обраќање пред локалната бизнис заедница истакна дека со владините економски политики за поддршка на инвестициите се очекува  да се подобри продуктивноста, квалитетот, знаењето, како и подготвеноста за соработка на домашните компании со странски партнери.

„Владините мерки за поддршка за компаниите ќе значат можност да постигнат многу подобри резултати, да го прошират производниот асортиман, да го зголемат бројот на вработени лица, да ги зголемат и да ги прошират своите извозни потенцијали преку настап на странски пазари“, истакна пред бизнисмените градоначалникот Стојаноски.

Ирена Ѓорѓиевска, претставник на Фондот за иновации и технолошки развој, ги запозна охридските стопанственици со мерките од  т.н. трет столб на владиниот План за економски раст, а кои се насочени за поддршка на микро, мали и средни претпријатија. Од страна на Ѓорѓиевска, освен детално претставување на постоечките мерки и критерумите за нивно аплицирање, беа најавени и идните повици кои наскоро ќе бидат објавени од страна на Фондот, а со кои на компаниите ќе им се овозможи пристап до финансиски средства за реализација на нови деловни проекти.

 

АКТУЕЛНОСТИ: