Апостолска-Петков: Унапредувањето на политичките односи внесе позитивна динамика во економската соработка помеѓу Македонија и Бугарија

23 април 2018

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денес оствари работна средба со амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, Иван Петков.
 

На средбата од страна на министерката Апостолска и амбасадорот Петков заеднички беше оценето дека унапредувањето на политичките односи помеѓу Македонија и Бугарија, со потпишувањето на билатералниот Договор за пријателство и серијата на билатерални спогодби, внесе  нова позитивна динамика во односите помеѓу двете земји, кои се рефлектираат и во економската соработка, што најдобро се согледува од растот на трговската размена за 19,11% во 2017 година. Беше изразен и оптимизам дека економските перспективи за соработка во наредните неколку години може да резултираат и во повеќекратно зголемување на трговската размена и инвестициите.
 
Министерката Апостолска го информираше амбасадорот Петков за владините политики во сферата на инвестициите и конкретните форми на финансиска поддршка кои би можеле да ги очекуваат компании од Бугарија доколку се одлучат за инвестирање во земјава. Од нејзина страна беше истакнато дека Планот за економски раст гради транспарентен и позитивен амбиент за зајакнување на економските врски и преку зачестени контакти на бизнис заедниците од двете земји, а кои би биле во насока на пронаоѓање на заеднички интереси во конрекретни инвестиции.
 
Од двете страни беше констатирано дека регионалните евроинтегративни процеси на земјите од Западен Балкан ќе доведат до посилно инфраструктурно поврзување, што е еден од позитивни предуслови за градење на стимулативна инвестициска клима во целиот регион.
 
На средбата се разговараше и за можностите за реализирање на конкретни проекти и инвестиции во доменот на енергетиката, транспортот, туризмот и ИТ секторот, притоа осврнувајќи се и на успешните инвестиции кои компании од Бугарија ги имаат реализирано во Македонија.

АКТУЕЛНОСТИ: